Проект на Министерство за култура и Светска банка
  
 
 Почеток : Настани 

НОВ ТЕАТАР И НОВА КОНЦЕРТНА САЛА СЛЕДНАТА ГОДИНА


(Време, 23.11.2006) - Конкурси за идејни решенија и тендери за изведба на неколкуте големи проекти од културната инфраструктура ќе бидат распишани в година. Ова е првиот чекор кон реализација на крупните проекти во областа на културната инфраструктура што ги најави ресорното министерство, а за кои Владата оддели пари во буџетот за идната година.
- Сите најавени проекти ќе бидат завршени до крајот на овој мандат - велат од Министерството за култура.
Меѓу најавените проекти е изградбата на Стариот скопски театар, за кој веќе постои идејно решение, а во моментов се разгледуваат понудите на изведувачите што се јавија на распишаниот тендер. За да го возобнови грандиозниот театарски објект, кој го однесе катастрофалниот земјотрес од 1963 година, Владата издвои најмногу пари - 280 милиони денари.
- Театарот ќе почне да се гради идната година и треба да се заврши во 2009 година. Ќе се гради по идејното решение на архитектот Јован Стефановски-Жан, кој победи на конкурсот, распишан од претходниот министер - вели Златко Јанковски, портпарол на Министерството за култура.
Изградбата на концертна сала за Македонската филхармонија е другиот голем проект од областа на културата, кој го најави новата влада, и за чија изградба се предвидени 12,4 милиони денари.
- Салата ќе биде готова до крајот на нашиот мандат. Треба да распишеме конкурс за идејно решение и тендер за изведба, а изградбата ќе почне во 2008 година - најавува Јанковски.
Концертната сала ќе се гради на просторот меѓу МОБ и Факултетот за музичка уметност, на истата локација што беше предвидена за овој објект и во Генералниот урбанистички план, конципиран според проектот на Кензо Танге.
Освен за Стариот скопски театар, и за изградба на концертна сала на филхармоничарите, во буџетот за идната година се издвоени пари и за археолошки ископувања на скопската тврдина, за надградба на Универзитетската библиотека, за изградба на споменик на плоштадот „Македонија“, за музеј над вода во Охрид, за Светиклиментовиот универзитет и за изградба на библиотека и професионален театар во Тетово.
Сепак, најавата за реализација на овие крупни зафати за чија неопходност одамна се зборува нема крупно да ја промени состојбата во културата.
- Не ни е потребно да ни се кажува колку театри и спомен-обележја ќе се изградат, туку што ќе има во театрите, како ќе се развиваат визуелните уметности, како ќе се одвива соработката помеѓу културата и деловниот сектор, како ќе се стимулира издаваштвото, какви ќе бидат местото и значењето на независната култура. И тоа го сакаме во вид на прецизна анализа според законитостите на културниот менаџмент и на културната политика - вели Искра Гешоска, менаџерка на културниот центар „Точка“.
Недостигаат конкретни најави и за подобрување на социјалниот статус на уметниците.
- Кога театарот навистина ќе се изгради, ќе ни требаат пари да се дотераме за да влеземе во него - се шегуваат актерите од МНТ во пресрет на најавената реконструкција на стариот и помпезен театарски објект.


 

 

 
 
 

 

 

 

brzi - 2001