Проект на Министерство за култура и Светска банка
  
 
 Почеток : Интервјуа 

ГОРДАНА ВНУК, ДИРЕКТОРКА НА ФЕСТИВАЛОТ „КАМПНАГЕЛ“, ВО ХАМБУРГ - СИСТЕМАТСКИ ЌЕ ЈА ПРЕТСТАВУВАМЕ МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА

Гордана Внук
(Дневник, 07.03.2007) - Предизвик и' е преку проекти да ги спојува уметниците од цел свет. Хрватката Гордана Внук во последните шест години е уметнички директор на Културниот центар „Кампнагел“ во Хамбург, каде што годишно се организираат неколку фестивали што се занимаваат со експериментален театар. Таа е креатор на програмата и на загрепскиот театарски фестивал „Еуроказ“. Често ја предизвикува критиката и во двете земји, во родната Хрватска и во Германија. Смета дека со новините што ги внесува и треба да предизвикува реакции. Нејзиното име се појавува и во телевизиски и во филмски проекти. „Кампнагел“ е единственото место во Европа што во моментов систематски се занимава со претставување на македонската култура, тврди Внук.

* Каков концепт смисливте за годинашниот фестивал?

- Во текот на една сезона, „Кампнагел“ работи неколку тематски фестивали што истражуваат важни театарски феномени. Годинава се занимаваме со оперската уметност, со акцент на проблемите на оперската режија и нејзиниот однос кон музиката. На пример, дали е можно да функционира режисерската практика која не се потпира првенствоно на либретото, туку на музиката. Така, отвораме дискусија во воведувањето перформативни стратегии, кои ги поништуваат вообичените хиерархиски односи во операта. Фестивалот под назив „Салјапиновото мементо“ е посветен на рускиот бас Фјодор Ивановиќ Салјапин и ќе трае од денеска до 24 март. Вклучува три копродукции на „Кампнагел“, две гостувања и сеопфатна програма со работилница, дискусија, симпозиум.

* Може ли „Кампнагел“ да помогне за поголема промоција на македонската уметност?

- Минатото лето, во рамките на нашиот фестивал „Лаокоон“, одржавме и Денови на македонската култура, кога беше изведена претставата „Тимон од Атина“ на Народниот театар од Битола и Турскиот театар од Скопје. Гостуваше групата „Синтезис“, а млади уметници имаа изложба што ја организираше Националната галерија од Скопје. Германската публика виде и македонски филмови. Во последните години, поканував театарски претстави со македонски актери и организирав копродукциски проекти помеѓу македонски и германски уметници. Со право може да се каже дека „Кампнагел“, засега, е единственото место во Европа што систематски се занимава со промоција на македонскиот театар.

* „Кампнагел“ стои и зад проектот „Тито“, кој не помина кај македонското Министерство за култура. Дали останатите осум земји, кои учествуваат во проектот, застанаа зад големиот проект на Бранко Брезовец?

- Никаде немавме такви проблеми како во Македонија. И во Црна Гора, Хрватска, Италија, Словенија или во Германија имаме широка поддршка за „Тито“ од политичарите што сметаа дека таа тема е важна и дека конечно некој треба да се занимава со комплексната проблематика што тој ја отвора.

Иако претставите на прв поглед се сконцентрирани на животот и делото на Јосип Броз Тито, ние се занимаваме со ревизија на тема од минатиот век, проблем на колективниот спас, утописката свест, идеолошката исклучивост, а тоа се теми што сигурно ја интересираат европската публика и таа знае дека без одговорно соочување со минатото, нема иднина.

* Дали меѓународните копродукции се определба на „Кампнагел“?

- Меѓународните копродукции денес се главен начин за продуцирање театарски претстави, така што повеќето од нашите проекти се остваруваат на тој начин.


„Кампнагел“ е огромен простор со шест сцени, со 100 премиери годишно, така што на публиката мора да и' понудиме разновидна програма. Со меѓународни гостувања и неколку фестивали годишно, копродуцираме со хамбуршките уметници, работиме со студенти од театарските академии, овде е програмата за деца и младинци - широк спектар на програмски содржини.

* Вие сте уметнички директор и на хрватскиот театарски фестивал „Еуроказ“. Што е заедничко за двата фестивала?

- Јас сум основач и уметнички директор на „Еуроказ“ во Загреб, кој лани прослави 20 години од основањето. Последните неколку години, паралелно со загрепскиот фестивал, водев и европски театри, прво во Кардиф, а сега во Хамбург, каде што сум веќе шест години. Секако дека ја комбинирам програмата во Хамбург и во Загреб, зашто така подобро се финансира одреден проект.



 

 

 
 
 

 

 

 

brzi - 2001