|
|
| ПЕТАР ПАН ВО АКЦИЈА ЗА ПОМОШ НА ДЕТСКОТО ЗДРАВЈЕ
(www.culture.in.mk, 18.04.2007) - Како поддршка на работата на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле, Скопје, издавачката куќа ВЕРМИЛИОН донира дел од приходите од книгата “Петар Пан во црвено” од Џералдин Макоркран, во превод на Марија Тодорова, издание на Вермилион. Десет проценти од секоја купена книга ќе бидат наменети за реновирање на одделение во Институтот за белодробни заболувања кај децата.
“Петар Пан во црвено” е првото официјално продолжение на детската класика “Петар Пан” од Џејмс Метју Бери, напишана на почетокот на 20 век. Уште за време на својот живот, Џ.М. Бери ги отстапил авторските права на Детската болница “Грејт Ормонд Стрит” од Лондон. Во 2006 година, Детската болница “Грејт Ормонд Стрит” распиша меѓународен конкурс за продолжение на авантурите на Петар Пан, на кој победи британската авторка Џералдин Макоркран со романот „Петар Пан во црвено”.
„Во духот на изворната донација на Џ.М. Бери, кој одлучи неговиот книжевен јунак не само да ги забавува, туку и да им помага на децата, ВЕРМИЛИОН со македонското издание на оваа книга ќе се обиде да им помогне барем малку на децата кои се лекуваат во Институтот за белодробни заболувања во Козле”, изјавува Зоран Попоски, директор на издавачкото претпријатие “Вермилион”.
Авторката на „Петар Пан во црвено”, Џералдин Макоркран, е една од најпрочуените живи писатели за деца. За своите дела го има добиено Карнегиевиот медал, Витбредовата награда за книга за деца (трикратен добитник), Гардијановата награда за детски роман и наградата “Синиот Петар” за книга на годината. Позната е и почитувана поради разновидноста и оригиналноста на нејзините книги, како и заради нејзините исклучителни раскажувачки вештини.
Верно на ексцентричниот стил на Џ.М. Бери и на неговиот незаборавен јунак, “Петар Пан во црвено” не враќа во земјата на пирати и вили, на детството и истражувањата. Но ни носи и напред во времето – со нови ликови во кои ќе можеме да се вљубиме, нови авантури од кои срцето побрзо чука и нови опасности кои треба да се пребродат – а сето тоа поврзано со грст волшебен вилински прав.
Македонското издание на “Петар Пан во црвено” ќе биде промовирано на саемот на книгата од 17 до 22 април, на штандот на ИЛИ-ИЛИ, а по затворањето на саемот ќе може да се најде во книжарниците ширум Македонија.
Издавачката куќа ВЕРМИЛИОН е посветена на промовирање литература за деца и млади, во превод и од домашни автори, која поттикнува меѓународно разбирање и ширење на вредностите на културата за мир. Неодамна оваа издавачка куќа ја востанови и откупната награда за необјавен роман или збирка раскази за деца од македонски автор кој промовира мир и толеранција. Сите изданија на ВЕРМИЛИОН ќе се печатат на рециклирана хартија.
Како настана оваа книга - Кога Џемс Бери, авторот на оригиналниот “Петар Пан”, почина во 1937 година, тој & ги остави сите авторски права поврзани со Петар Пан на детската болница Грејт Ормонд Стрит во Лондон.
Во август 2004 година беше објавен конкурс за продолжение на безвременото ремек дело на Џ.М. Бери, “Петар Пан”. Меѓу речиси 200 писатели од различни националности, кои се пријавија со краток заплет и пробно поглавје, беше избрана британската авторка Џералдин Макоркран.
Синопсис - Дејството на “Петар Пан во црвено” се случува во 1920-тите и на читателите им нуди многу авантури, возбуди и опасности.
Новата книга за Петар Пан открива што му се случило на момчето кое одлучи никогаш да не порасне по заминувањето на Венди и загубените момчиња.
Зеленото лето се претворило во црвена есен. Големата војна однела еден живот (Мајкл), децата пораснале и имаат свои деца, а од Недојдија истекуваат вознемирувачки соништа. Кога Дарлингови и изгубените момчиња ќе дојдат назад во Недојдија ќе откријат дека таа е променета. Некој живее во подземното дувло, а прамени коса од сирени се расфрлени по брегот. Пиратскиот брод на Капетан Кука е насукан без капетан и посада. Откако куќата на Венди ќе падне од Недрвото, не им преостанува ништо друго освен да тргнат на пат кон центарот на Недојдија. На патот ги чекаат пирати, циркус, животни, вештерки, вили... и опасности кои ќе ја стават на проба одлучноста дури и на најголемиот херој.
Другите за Петар Пан во црвено - “Уште од првата страница, ниту еден обожавател на Петар Пан нема да остане рамнодушен кон леснотијата на стилот на Џералдин Макоркран, нејзината сигурност во пишувањето и брилијантната имагинација.” - Гардијан
“Книгата на Макоркран, како и онаа на Бери, е освежувачки несентиментална како што само една книга за вили и загубени бебиња може да биде, и тешко е да се замисли подобра.” - Индепендент
“Да се зафатиш за приказна со митски димензии како што е Петар Пан, како што тоа го стори Џералдин Макоркран, и да создадеш книга која не само што е потполно верна на оригиналот, туку и кажува нови, важни нешта за детството и растењето, и раскажува прекрасна приказна од која застанува здивот – тоа е за восхит. Не многу продолженија и самите стануваат класици, но ова сигурно ќе биде.” – Оксфорд Универзити Прес
За авторката - Џералдин Макоркран е родена во Ајнфилд, Северен Лондон, како трето и најмладо дете на пожарникар и учителка. Студирала да стане учителка и самата, десет години работи во издаваштвото, а од 1988 година целосно се посветува на пишувањето. Оттогаш има напишано 139 книги за деца.
Добитник е на следните награди: Витбредова награда за книга за деца (три пати)
Карнеги медалот, Смартис бронзената награда (четири пати), Синиот Петар награда за книга на годината во 2000 година, Гардијановата награда за литература за деца,
Белата темнина, Златниот прав, Не е крај на светот, Малку пониско од ангелите, Грст лаги, Јавач на летало и други. |
| |
|
|
|