Проект на Министерство за култура и Светска банка
  
 
 Почеток : Интервјуа 

ФИЛМОТ „БОЛИ ЛИ?“ ДОАЃА ВО СКОПЈЕ


(Утрински весник, 19.04.2007) - На 26 април во киното „Фросина“ во МКЦ е закажана македонската премиера на филмот „Боли ли?“ на Анета Лешниковска. Овој филм, кој својата светска премиера ја имаше на крајот на јануари на Филмскиот фестивал во Ротердам во главна конкуренција, се очекува да ја отвори годинешнава навистина плодна македонска сезона, и тоа во присуство на авторката и на целата македонска екипа. Филмот познат и како првата балканска „догма“ беше направен во копродукција на Холандија и Косово, додека Македонија се вклучи со 35.000 евра во неговата постпродукција.
Ако се оди според планот на 26 април ќе се случи првата премиера на македонски филм оваа година, во текот на која очекуваме да се појават уште три филма снимени во текот на последниве две години. Станува збор за филмот првично „Папокот на светот“ а сега „Превртено“ на Игор Иванов, потоа „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска и филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски. Првите два филма веќе ги очекуваат своите финални копии, додека Милчо Манчевски ја завршува монтажата. Во секој случај, ова е година кога повторно очекуваме голема презентација на македонскиот филм, а што ќе се случи потоа ќе видиме, бидејќи новите филмови кои добија поддршка се на самите свои почетоци па не гарантираат некаков континуитет.

Но, да се вратиме на „Боли ли?“. Овој филм дефинитивно беше најпријатното изненадување. Направен независно и со сопствени сили на Анета Лешниковска и на македонската екипа, филмот успеа да покаже дека пробивот надвор не го гарантираат ниту познатите автори, ниту средствата. „Боли ли?“ е нискобуџетен филм, кој со самото тоа што е „догма“ филм, значи снимен во сосем природни услови и не бараше многу големи средства. Но, со ваквата ориентација се запиша како 73 „догме“ филм во светски рамки, како прв македонски и балкански „догме“ филм, а богами и холандски. Филмот влезе во престижната конкуренција за „Тигар“, а потоа отиде и на фестивалот во Бермуда исто во главна конкуренција и освои Специјална награда за иновативност. По фестивалот во Софија и македонската премиера овој филм го оечкуваат и фестивалите во Буенос Аирес, во Тајван, Брисел и Лондон. На филмот, кој ја следи сивремената македонска приказна, заедно со Лешниковска работеа и: Ирена Ристиќ, Игор Џамбазов, Дејан Лилиќ, Висар Вишка, Даниела Стојковска, Бошко Бозаџиски, Милијана Додевска, Кире Ѓоревски, додека монтажата е на Игор Андреевски.

И филмот на Игор Иванов носи една современа, урбана приказна иако е направен според делото на Венко Андоновски „Папокот на светот“. Инаку станува збор за играно деби на Иванов, кој со својот краток игран филм „Бубачки“ и го донесе на Македонија „Златниот леопард“ од престижниот европски фестивал во Локарно. „Папокот на светот“ како што му беше работниот наслов, а сега „Превртено“ се снимаше при крајот на 2005 и почетокот на 2006 година. Овој филм има своја посебна визија во превртениот поглед на нештата иако од друга страна многу цврсто стои на земја. Неговата финална копија беше најавена за јануари оваа година, а македонската премиера за март. Но, како што ни рече продуцентот Владимир Анастасов, произлегоа некои финансиски проблеми поради кои финалната копија се уште не е завршена.

На снимањето на овој филм кое „Утрински весник“ интензивно го следеше, работеше каскадерот Жељко Божиќ, а поради специфичноста на приказната и Елена Серафиновиќ од Русија, една од врвните трапезистки моментно во светот. Во „Превртено“ играат: Милан Тоциновски, Сања Трајковиќ, Славиша Каевски, Инес Бојаниќ, Ѓорѓи Јолевски. Продуцент на филмот е „Сектор филм“ а тој е направен во копродукција со „Мејнфрејм“ и „Синеарс“, со финансиска поддршка на нашето Министерство за култура и Министерствата од Хрватска и Србија, како и со помош на The Global Film Initiative од Њујорк и нашата МТВ. Новиот термин за македонската премиера сега засега не е сигурен, но ако финалната копија набрзо биде готова тогаш премиерата би се одржала уште во текот на мај.
Филмовите на Теона Митевска и на Милчо Манчевски се снимаа во текот на летото минатата година. „Јас сум од Титов Велес“ веќе следната недела ја очекува првата филмска копија, додека Манчевски вели дека е при крај со монтажата на сликата и дека наскоро ќе почне тонската обработка. И во двата случаја станува збор за копродукции на повеќе земји, но искуствата се различни. Додека Лабина Митевска вели дека се функцинирало совршено, дека секој си го преземал својот дел од одговорноста, Манчевски овој пат има поинакво искуство и вели дека координирањето меѓу шест земји било многу сложено и дека дел од организаторите не се снашле добро.

„Јас сум од Титов Велес“ е направен во копродукција со Германија, Франција и Словенија, а ја доби и поддршката на „Еуроимаж“. Филмот се снимаше во август и септември во Велес, а главните улоги во него ги толкуваат: Лабина Митевска, која е повторно и продуцент на филмот, Николина Кујача, Ана Костовска, Петар Мусевски, Џевдет Јашари и Јовица Михајловски. Монтажата на овој филм ја работеше познатиот Жак Вита од Франција, кој работеше и на „Тајната книга“, а директор на фотографија беше Виржини Сен Мартин од Белгија, која зад себе има импресивна бројка европски филмови. Неговата премиера Лабина Митевска ја најавува за наесен.

Додека „Сенки“, кој исто така се снимаше целосно во Македонија, и тоа главно во Скопје, носи уште една современа приказна, како и претходните три, иако Милчо во сето тоа го внесува и нашиот долг кон предците. Сепак интересно е дека за првпат имаме толку филмови кои носат современи и урбани приказни. Кај Манчевски главните улоги ги играат млади актери и тројцата дебитанти: Борче Начев, Весна Станоевска и Филарета Здравковиќ, а во останатите улоги се појавуваат и: Сабина Ајрула, Диме Илиев, Петар Мирчевски, Салаетин Билал и други. „Сенки“ е направен во копродукција со Италија, Германија, Бугарија и Шпанија, а ја доби и речиси максималната поддршка од „Еуроимаж“. На овој филм работеа и британскиот продукциски дизајнер Дејвид Манс, италијанскиот директор на фотографија Фабио Чанкети и други, а со оглед на тоа што овој филм е се уште во постпродукција неговото излегување го очекуваме во вториот дел од годината. Како и да е, 2007 носи убаво филмско резиме и возбудливи четири македонски премиери, што во текот на една година во Македонија навистина одамна не се случило.



 

 

 
 
 

 

 

 

brzi - 2001