|
|
| ЗАВРШИ ГАЛИЧКАТА СВАДБА
(Вечер, 16.07.2007) - "Из прстен те гледа, в срце да ти влеза". Ова се традиционалните зборови кои 23-годишната Весна Димитровска му ги кажа на 25-годишниот Марјан Блажевски од Скопје - невестата и зетот кои беа венчани вчера, на 44-тата традиционална манифестација - Галичка свадба, која традиционално се одржува првата недела по Петровден.
На младоженецот ова не му е прва посета на Галичник: тој има галичко потекло, и веќе осум години учествувал како коњаник на Свадбата. Неговата сопруга, пак, студира на Филозофскиот факултет.
Манифестацијата Галичка свадба официјално беше отворена со гала концерт "Светот пее и игра во Галичник". Церемонијата се одржа во црквата Св. Петар и Павле во Галичник, а младоженците ги венчаваше архијерејот Благоја Спировски.
Годинашната Свадба е одржана под покровителство на претседателот на Собранието, Љубиша Георгиевски.
Обичаите на Галичка свадба
Традиционалните адети започнуваат во саботата навечер. Откако ќе се накити врвот на бајракот со цвеќиња, од пред чешмата Упија, свадбарите се упатуваат кон куќата - вила "Доста", каде бајрактарот "фрла" три пати со пушка. Потоа зетот и побратимите, според обичајот, ги пречекуваат со свадбарските зурли и тапани кај мостот. Се продолжува со Свекрвино оро пред Упија, кое го води свекрвата со сито на главата и со бокал со вино во десната рака. Секоја година се игра и Тешкото, кое ги доукрасува убавините на Мијачкиот крај.
Саботната прослава завршува со "одењето на вода", каде поворката од свадбари со борини и факели ја носат невестата да полни вода на три чешми: Секуличе, Винговиче и Упија. Обичаите кои започнуваат во саботата навечер, во неделното утро продолжуваат со т.н. канење на мртвите, канење на кумот, бричење на зетот и тргнување по невестата. Додека зетот го бричат, неговите најблиски плачат, тажејќи што се одделува од семејството и се приклонува кон невестата.
Кога стројниците пристигаат, бајракот со македонското знаме и цвеќиња на врвот се развејува на прозорецот од куќата на невестата. Во дворот, невестата погледнува низ прстен кон зетот кажувајќи ги љубовните зборови: "Из прстен те гледа, в срце да ти влеза". По венчавката, според обичајот, на чешмата Упија се приредува свадбена гозба.
Во официјалниот дел на свадбата учествуваат и повеќе од сто сватови-статисти во галички носии, како и 15 коњаници |
|
| | |
|
|
|