Проект на Министерство за култура и Светска банка
  
 
 Почеток : Културни споменици 

ИНТЕНЗИВНИ АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА НА ЛОКАЛИТЕТОТ СКУПИ


(МИА, 30.04.2008) - Премиерот Никола Груевски вчера го посети локалитетот Скупи каде што пред еден месец со поддршка на Владата осумдесетина археолози почнаа систематско истражување на некогашниот римски град од доцната антика. Динамиката на ископувањата ќе се интензивира од идната недела, кога ќе бидат ангажирани 120 луѓе. Пронајдени се наоди меѓу првиот и шестиот век и од периодот на рахохристијанството. Екипата во моментов ископува место каде што бил лоциран голем објект, за кој се претпоставува дека е црква, поради пронајдените десетина гробови во неговата околина.
- Главните резултати ги очекуваме по неколку месеци, ова е само почеток. Се работи за значаен локалитет кој во минатото е многу малку истражен и со исклучително малку извадоци. Сега очекуваме позначајни и поатрактивни резултати и моменти од нашата историја, изјави премиерот Груевски за медиумите, по обиколката на теренот во придружба на директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман и екипата од Музеј на Град Скопје, под чија надлежност се истражувањата на овој локалитет крај Скопје.
Груевски најави силна финансиска поддршка на Владата во археологијата и во наредната година и инвестирање во 11 позначајни локалитети - дооткривање на градот на Филип Втори - Хераклеја, повторно истражување на Стоби, Марвинци кај Валандово, Виничко Кале, Исар кај Штип, Тетовското и Скопското кале, Стибера, Прилепско.
Паско Кузман посочи дека истражувачкиот проект на Скупи предвидува повеќе зафати. - Треба да се открие целата територија на градското јадро на Скупи и да се фатат бедемските простори кои го заградуваат. Очекуваме да ги отвориме објектите кои го сочинуваат јадрото на Скупи, рече Кузман.
Теренот опфаќа 44 хектари, но за дел од неговата територија има нерешени имотно-правни проблеми, поради ненамерна узурпација со приватни поседи и гробишта. Сето тоа, како што додаде Кузман, треба постапно да се решава и бара големи финансиски средства.
Директорот за заштита на културното наледство посочи дека за обележување на околу шест илјади локалитети во Македонија треба да се знаат нивните граници, а за тоа, како што рече, потребни се децении истражувачка работа. Што се однесува до патоказните обележувања и упатства работите се во тек, барем кај поголемите археолошки наоѓалишта.
Скупи е меѓу најзначајните археолошки локалитети во Македонија и еден од поголемите римски градови од доцноантичкиот период на Балканот. Неговите остатоци се наоѓаат на пет километри северозападно од Скопје, лево од утоката на реката Лепенец во Вардар. Почетоците на градот се поврзани со римската војска и стационирањето на 5-тата Македонска и 4-тата Скитска легија во Скопската котлина кон крајот на првиот век пред новата ера.
Стоби имал статус на колонија со име Colonia Flavia Scypiorum и во него биле сместени дедуцираните ветерани од 7-та Клавдиева легија. Во градот имало и домашни староседелци со пајонско и дарданско потекло. Скупи опстојувал како важен административен, верски, културен и транзитен центар на провинцијата Горна Мезија, пред се, поради поволната местоположба и важните магистрални патишта кои го поврзувале Егејот со Средна Европа и Тракија со Јадранското Море. Градот го спомнува и античкиот географ Птоломеј во вториот век од нашата ера.
По реформите на Диоклецијан (284-305) и формирањето на провинцијата Дарданија, станал главен град на провинциска управа, а во четвртиот век го доживеал вториот голем економски и културен подем. Тогаш градот станал и седиште на епископија, а подоцна и на архиепископија. Во 518 година Скупи настрадал во катастрофален земјотрес, по кој престанало урбаното живеење на овој римски град, иако постојат индиции дека животот во форма на помала словенска рурална населба продолжил се до 10-11 век.
Локалитетот е познат уште од крајот на 19 век. Во 1883 година англискиот истражувач Артур Еванс престојувал во Скопје и ги регистрирал римските бедеми кои ги објаснил како остатоци од акрополата на Скупи. Инцидентни археолошки ископувања на локалитетот имало пред Втората светска војна, но сиситематските истражувања под надзор на Музејот на Град Скопје почнале во 1966 години. Со помали прекини, тие континуирано траат до денес. Досега се целосно или делумно истражувани бедемите, театарот, цивилната базилика, градската вила, градската бања, улицата - кардо, христијанската базилика, делови од источната и западната некропола.



 

 

 
 
 

 

 

 

brzi - 2001