Проект на Министерство за култура и Светска банка
  
 
 Почеток : Етнологија 

ВО КРИВОГАШТАНИ СЕ ОДРЖАА „ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА НОСИЈА“


(МИА, 09.03.2009) - Екипата на КУД „Билјана“ од струшкото село Ложани според стручното жири ја претстави најдобрата и најоригинална македонска народна носија на Манифестацијата „Денови на македонската народна носија“ што се одржа по 33. пат во Кривогаштани.

Свекрвинската женска народна носија од Мешеиште и ергенската машка народна носија од Велемеј, и двете од охридско се најдобрите поединечни претставувања на народни носии. Најстар учесник беше тричлената екипа од тетовско Брвеница. Тројцата вкупно имаат 214 години, а наспроти тоа двегодишниот Бојан Ѓорѓиоски од Кривогаштани е најмладиот учесник. Домаќинот КУД „Илинден“, кој е и организатор на манифестацијата, според публиката е најдобриот претставник на македонски народни носии.

Вака синоќа одлучи стручното жири кое го претставуваа професор Владо Јаневски, етнолог од Скопје, кустосот од прилепскиот музеј Петре Чагороски и Менде Пашоски кореограф на КУД Илинден од Кривогаштани.

Дваесет и две екипи со вкупно седумдесеттина учесници ги претставија старите вековни народни носии и фолклорното богатство од сите краишта на Македонија. На дефилето во центарот на Кривогаштани ги имаше невестинските, свечените и традиционалните носии од гевгелиско, струмичко, радовишко, делчевско, од тетовско, струшко, охридско, од Кичево, Македонски брод, Вевчани, од пелагониско.

- Целта е да ги покажеме корените, традииците кои се длабоки на овие балкански простори. Се негува и се чува македонското фолклорно богатство и кај младите од 10 и 15 години и кај 70 годишните, вели Мирослав Шашески, претседател на КУД Илинден организатор на Деновите на македонската народна носија.

Догодина, манифестацијата “Денови на македонската народна носија” очекува поддршка од Министерството за култура и ќе ги покани нашинците од соседните земји да ги претстават носиите од родните краишта.



 

 

 
 
 

 

 

 

brzi - 2001