|
|
| ДОНАЦИЈА ЗА БИБЛИОТЕКАТА “ДРУГАРЧЕ” ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЛИТЕРАТУРАТА ЗА ДЕЦА
(www.culture.in.mk, 31.03.2009) - На 2 април во 12.00 часот во просториите на библиотеката “Другарче” во Скопје, издавачката куќа ВЕРМИЛИОН свечено ќе додели донација на библиотеката “Другарче”, по повод 2 април, светскиот ден на литературата за деца. Како поддршка на работата на единствената библиотека посветена исклучиво на децата, библиотеката “Другарче” од Скопје, издавачката куќа ВЕРМИЛИОН донира 90 книги од своите изданија, во вкупна парична вредност од 31.000 денари.
Во оваа пригода ќе биде претставено и најновото издание на ВЕРМИЛИОН, новелата “Водниот коњ” од познатиот британски писател за деца, Дик Кинг-Смит, во превод на Марија Тодорова.
Светскиот ден на литературата за деца се одбележува на 2 април, роденденот на познатиот детски автор Ханс Кристијан Андерсен. На овој ден се слави љубовта кон читањето и моќта на фантазијата во книгите за деца. Секоја година различна земја ја има честа да биде меѓународен промотор на Денот на литературата за деца. Оваа година тоа е Египет. Пораката и постерот кои годинава ќе го одбележат 2 април се дело на познатиот египетски илустратор на книги за деца, Хани Д. Ел-Масри.
Издавачката куќа ВЕРМИЛИОН е посветена на промовирање литература за деца и млади, во превод и од домашни автори, која поттикнува меѓународно разбирање и ширење на вредностите на културата за мир. Оваа издавачка куќа ја востанови и откупната награда за необјавен роман или збирка раскази за деца од македонски автор кој промовира мир и толеранција. Сите изданија на ВЕРМИЛИОН се печатат на рециклирана хартија. |
| |
|
|
|